Правилник за оценувањето и напредувањето на учениците

Врз основа на член 65 од Законот за основното образование („Службен весник на РМ“бр. 44/95), ООУ *11Октомври* Куманово изготвува:

                                                   

ПРАВИЛНИК ЗА ОЦЕНУВАЊЕТО И НАПРЕДУВАЊЕТО НА УЧЕНИЦИТЕ

    Низ процесот на оценување, на учениците треба да им се овозможи да учат и да го покажат, своето знаење, вештините, ставовите и однесувањето.

    I. ОСНОВНИ ОДРЕДБИ
    Член 1
    Co овој правилник се уредува начинот на оценувањето и напредувањето на учениците во училиштето.

    II. ОЦЕНУВАЊЕ
    Член 2
    Оценувањето на учениците, опфаќа следење и проверување на напредувањето на ученикот, како и прибирање и анализирање на показатели за неговиот развој во воспитно- образовниот процес.
    Член 3
    Co следењето, проверувањето и оценувањето на учениците се овозможува утврдување на степенот на остварениот напредок на учениците, информирање на учениците и родителите - старателите за постигнатите резултати, поттикнување  на развојот на учениците и регистрирање на остварените резултати во воспитно-образовниот процес.
    Член 4
    Следењето, проверувањето и оценувањето на учениците е континуирано, систематско и јавно.
    Член 5
    При определувањето на оценката се земаат предвид обемот и квалитетот на усвоените знаења, работните навики, заинтересираноста за наставата и односот кон неа, оспособеноста за примена на знаењата и развојот на способностите на ученикот.
    Член 6
    Во процесот на следење, проверување, поттикнување и оценување на развојот и напредувањето на учениците во воспитно-образовниот процес се користат методи, постапки и техники сообразени со содржините што се оценуваат и возраста на учениците (разни форми на: усно проверување, писмено проверување, писмени работи, тестови на знаења, есејски задачи, практично проверување, набљудување и разни техники - скали на проценка, чек-листа, инвентари на личноста и друго).
    Член 7
    Оценката за постигањата на учениците, се формира според:
    -примена на изготвени стандарди од БРО;
    -користење на аналитички критериуми дефинирани со описи на нивоа и квалитет;
    -формирање на сумативна оценка според критериуми со кои  учениците претходно се запознаени и учествувале во нивното утврдување.

    Член 8
    Учениците се оценуваат по наставни предмети и по поведение.Оценките по наставните предмети се искажуваат во бројки, a пo поведение описно. Оценувањето може да биде: дијагностичко - оценување со кое се прибираат податоци за почетната состојба која е релевантна за идното учење ( предзнаења на ученикот, интереси, мотивација, способности ); формативно оценување што претставува тековно следење и проверување на учењето и постигањата на ученикот и негово упатување за понатамошно учење; сумативно оценување како оценување на наученото заради формирање на оценка за постигањата на ученикот во определен период.

    Член 9
    При формирање на оценката, наставниците треба доследно да ја применуваат училишната политика и нормативната регулатива. Формирањето на валидна и сумативна оценка, се врши врз основа на сите прибрани информации за постигањата на ученикот. Наставникот треба да го презентира и образложи начинот на кој е формирана оценката пред учениците, родителите и Наставничкиот совет.

    Член 10

    1 Учениците од I-III одделение  се оценуваат описно, учениците од IV-VI одд. се оценуваат комбинирано и тоа на прво и трето тромесечие описно, а на полугодие и на крајот од учебната година бројчено; учениците од VI – IX се оценуваат бројчано на сите квалификациски периоди.
    2 Наставниците го следат напредувањето на учениците од став 1 на овој член и ги запознаваат родителите на сите квалификациски периоди со пополнети евидентни листи за успехот на секој ученик.

    Член11

    Континуираноста во оценувањето се постигнува и со тоа што учениците за тримесечјата, на крајот на првото полугодие и на крајот на наставната година треба да имаат оценки во одделенскиот дневник по сите наставни предмети што се предвидени со наставниот план.
    Член 12
    На крајот на полугодието, на наставната односно учебната година, на ученикот му се утврдува општиот успех. Во општиот успех на ученикот влегуваат оценките од задолжителните и изборните
наставни предмети.
    Член 13

    Општиот успех на ученикот се утврдува врз основа на оценката која претставува аритметичка средина од позитивните оцени по наставните предмети, и тоа: - ученикот постигнал одличен успех ако има средна оценка од 4,50 до 5,00; - ученикот постигнал многу добар успех ако има средна оценка од 3,50 до 4,49; - ученикот постигнал добар успех ако има средна оценка од 2,50 до 3,49 и - ученикот постигнал доволен успех ако има средна оценка од 2,00 до 2,49.
    Член 14

    За учениците со негативни оценки учителите и предметните наставници имаат обврска да организираат дополнителна настава во текот и по завршувањето на наставната година.
    Член 15

Поведението на учениците, се оценува со оценките: примерно, добро и незадо- волително. Co оценката по поведение се опфаќа односот на ученикот во образовниот процес, почитувањето на обврските во основното училиште и заедницата на паралелката, односот кон своите другари, наставници, училишниот имот и други позитивни вредности.           Оценката по поведение на учениците од I - V одделение ја утврдува одделенскиот наставник, а на учениците од V – IX одделение,  Наставничкиот совет по предлог на одделенскиот раководител.
    Член 16

    Оценката за поведение се утврдува на крајот на првото полугодие и на крајот на наставната односно учебната година.
    Член 17

    Годишниот успех на учениците се соопштува на завршна свечена средба на која присуствуваат учениците, родителите и наставниците.           На овие средби се доделуваат и признанија на учениците кои покажале особено забележителни резултати.
    Член 18

    На ученикот кој во текот на учебната година преминува од едно во друго основно училиште, оценките се внесуваат во одделенскиот дневник во основното училиште во кое доаѓа ученикот.
    Член 19

    Оценките во текот и на крајот на првото, односно второто полугодие се внесуваат во педагошката евиденција и документација.


    Член 20

    Училиштето ги информира  учениците и родителите дека  доколку се незадоволни од добиените резултати, истите  имаат право да поднесат приговор за проверка на оценките.

    Ш. ПОБРЗО НАПРЕДУВАЊЕ НА УЧЕНИЦИТЕ

    Член 21
    Учениците согласно член 61 од Законот за основното образование можат побрзо да напредуваат ако покажале континуиран одличен општ успех и посебно се истакнуваат со способност, знаење и работни навики.
    Предлог за побрзо напредување на ученикот поднесува одделенскиот наставник, односно одделенскиот раководител, а одлука донесува Наставничкиот совет на училиштето.
    Член 22

    Учениците од член 19 од овој правилник, можат да го завршат наредното одделение со вонредно полагање испити за побрзо напредување доколку добијат позитивни оценки за сите предмети предвидени со Планот и Програмата за воспитно-образовната дејност. Доколку учениците не ги положат испитите по сите предмети во предвидените рокови се смета дека не ја завршиле годината.

СТАТУТ НА ОСНОВНОТО УЧИЛИШТЕ

ГОДИШНА ПРОГРАМА И ИЗВЕШТАЈ ЗА РАБОТА НА УЧИЛИШТЕТО

САМОЕВАЛУАЦИЈА НА УЧИЛИШТЕТО

РАЗВОЈНА ПРОГРАМА НА УЧИЛИШТЕТО