Процедура за откривање и грижа за учениците со емоционални проблеми
Во современата психологија, постојат сфаќања дека врз развојот на емоциите влијаат два фактора и тоа: созревањето на личноста и учењето (стекнување на искуство).
Сите емоции кај личноста можат да се класифицираат во три групи:
-во првата група, спаѓаат емоциите создадени како резултат на сетилни чувства (чувство на непријатност кога ни студи или на болка кога не боли нешто);
-втората група ја сочинуваат нагонски чувства кои се јавуваат при задоволување или не задоволување на внатрешните стремежи (чувство на завист, љубомора, страв и сл.);
-во третата група спаѓаат социјалните чувства со кои се гради нашата личност и нашиот став кон заедницата и општеството.
Основна карактеристика на сите овие чувства е дека се независни од нашата волја и можат несвесно да поминуваат од една во друга група. Исто така можат да предизвикаат состојба на раздразливост или смиреност.
Заради огромното влијание и значење на емоциите во растењето и развојот на секоја индивидуа, во училиштето се предвидуваат следниве активности:
• Размена на мислења и дискусии со наставниците и родителите за важноста и значењето на емоциите во формирањето на детската личност;
• Едукација на наставниците и родителите за препознавање на емоционални проблеми кај децата;
• Идентификација на децата со емоционални проблеми без оглед на изворот (семејно насилство, семејна негрижа, развод на родителите, болест во семејството, постконфликтни трауми, долго отсуство на еден од родителите, нарушени семејни односи, деца со насилничко однесување, жртви на насилство, деца со ниска самодоверба, екстравертни деца и сл.);
• Едукација на наставници, стручни соработници и родители за работа и пружање на соодветна помош на децата со овој вид потешкотии;
• Едукација на ученици за препознавање и справување со различни емоции преку различни активности (работилници,групи за поддршка, играње на улоги, ликовно изразување, пишување на есеи, моделирање, спортски игри и др.;
• Индивидуална соработка со родители и ученици за справување со емоционални проблеми кај децата (советодавна работа, разговори и предлагање на начини за подобрување на: самопочит, самодоверба, изразување на сопствените емоции, стекнување на вештини за решавање на проблеми, емпатичност, справување со стрес, критичко мислење, интерперсонални вештини);
• Редовно реализирање на содржини од Програмата за животни вештини на одд. часови за стекнување на знаења кои ќе им помогнат на учениците да практикуваат здрави облици на однесување;
• Следење на промените кај децата со кои се работи на подобрување на нивниот емоционален статус;
• По потреба училиштето ќе соработува со соодветни институции кои се стручно екипирани за пружање на помош на овие ученици.