<style>.lazy{display:none}</style>МЕДИЈАТЕКА
bird
sun

ОБРАЗОВНИ РЕСУРСИ

МЕДИЈАТЕКА

Медијатека е самостојно катче во училиштето, каде што освен книги, енциклопедии, прирачници и речници, се чуваат и документираат дневни весници, списанија, брошури и публикации. Честопати се опремени со телевизор, прожектор, компјутер со интернет, каде што се наоѓа документација од сите области на живеењето. Иако основна намена е позајмување и користење на книги и библиотечен материјал, сепак таа работи со иста цел како и останатите институции во рамки на основното образование, што значи: оспособување на учениците, активно и одговорно да учествуваат во општествениот и културниот живот, да ја развиваат својата личност и потенцијал, како и успешно да ги задоволуваат своите интереси, умеења, вештини и способности. Секој ученик кој припаѓа на нашето училиште е член на медијатеката. Значи, на секој ученик му се нуди можност да има навремено обезбедена лектира, да позајмува книга по свој сопствен избор, како и да добие помош во изборот на книгата од библиотекарот. Инаку, медијатеката работи во периодот од 07-15 часот секој работен ден.


Со медијатеката раководи библиотекарот. Во неа се води соодветна евиденција и документација на книжевниот фонд. Техничка обработка на книгите е во согласност со највисоките стандарди. Севкупниот библиотечен фонд (лектири, белетристика и енциклопедии) е подложен на стручна обработка: класификација, сигнирање и др. Истражувањето на потребите на читателите, како и анализа и проценка на состојбата на фондот се дел од тековните активности. Најголем дел од книжевниот фонд се состои од литература за деца и младинци. Па така, нашите читатели имаат можност да се запознаат со творештвото на повеќе македонски и странски автори за деца. Да тагуваат и да се радуваат со популарните ликови од романите, сказните, песните... Исто така, тука се забележуваат и литературни дела од писатели кои се добитници на Нобеловата награда за литература: Иво Андриќ, Томас Ман, Херман Хесе, Орхан Памук, Вилијам Фокнер, Александар Солженицин и др. Голем број енциклопедии, прирачници, белетристика, монографии, стручна литература го надополнуваат оваа царство на знаење, уметност, мудрост...Во медијатеката честопати се организираат литературни читања и литературни средби со познати македонски писатели за деца (Горјан Петрески, Стојан Тарапуза). Тука вљубениците во пишаниот збор дискутираат за одредени теми од литературата.Училишната медијатека зема активно учество во планирањето и програмирањето на културно-образовната работа во училиштето. Соработува со училишните библиотеки од градот, со градската библиотека, како и со други надворешни институции. Да се надеваме дека и во иднина таа ќе опстои како топло катче, каде учениците ќе читаат, фантазираат, истражуваат...