Процедура за грижа на ученици кои подолго отсуствуваат од наставата (хронично заболување или посериозни повреди)
Во текот на својот раст и развој кај некои деца се јавуваат нарушувања на здравјето и доаѓа до појава на хронични заболувања, кои претставуваат потешкотија за нивниот правилен раст и развој.
Понекогаш се случува децата да се здобијат и со посериозни повреди кои бараат подолготрајно отсуство од наставата.
Со цел да им се помогне на овие ученици, во училиштето се предвидени следниве активности:
• Идентификација на сите деца со хронични заболувања и повреди;
• Евидентирање од страна на одделенските и класните раководители на оние ученици кои имаат вакви потешкотии;
• Во соработка со родителите, одделенските и класните раководители бараат информации за периодот за отсуство на детето (наод и мислење од лекар, медицинска потврда и сл.);
• Оние наставници што треба да работат со децата подготвуваат скратена наставна програма која треба да се реализира со учениците;
• Ако се работи за подолго отсуство на учениците (1-3 месеци ), наставникот го посетува ученикот 1-2 пати неделно и дава упатства и инструкции за работа на ученикот;
• Наставникот му дава објаснување на родителот како да му помага на детето за совладување на наставниот материјал;
• Работата на ученикот, наставникот редовно ја следи и доколку има потреба работи индивидуално, а по враќање на ученикот од боледување организира дополнителна настава;
• Доколку и покрај помошта која е пружена од страна на наставникот и родителот, ученикот не се стекнал со доволно знаење за време на боледувањето, истиот се упатува на полагање класен испит.