Етички кодекс за оценување на постигањата на учениците

       Оценувањето претставува процес на собирање, бележење, интерпретирање, користење на информации и известување за напредокот и постигањата на учениците во стекнување на знаења, способности, вештини и ставови.

       Преку оценувањето, наставникот ја гради сликата за напредувањето на секое дете и воедно добива информации како да го насочи процесот на учењето.

       Заради важноста и значењето на оценувањето, неопходно е целосно етичко однесување на сите субјекти кои се вклучени во овој процес.
       Етичноста е дел од личниот систем на вредности. Етички се однесуваме затоа што веруваме дека така треба и затоа што мислиме дека таквото однесување е правилно.
       Тргнувајќи од фактот дека оценувањето е хумана и морална активност со огромно влијание врз сите субјекти вклучени во овој процес, училиштето во соработка со учениците, наставниците и родителите, изготви Етички кодекс кој ќе се применува при проверката на ученичките знаења. При изготвување на овој кодекс, како појдовни вредности земени се следниве: почитување, демократичност,чесност, праведност, интегритет и храброст.

Етичкиот кодекс на училиштето за проверка на ученичките знаења се базира на следниве принципи:

  • Подобрување на учењето и постигањата на учениците;
  • Обезбедување на целосни информации за учениците;
  • Оценувањето на учениците станува составен дел од наставниот процес;
  • При оценувањето  се користат што е можно повеќе различни методи;
  • Оценувањето  се одвива континуирано;
  • Проверката на ученичките знаења да биде праведна;
  • Оценувањето да биде транспарентно;
  • Да има валидност и релијабилност во оценувањето.


Според Етичкиот кодекс за оценување во нашето училиште, учениците:

  • се залагаат за фер и праведно оценување на сите;
  • се спротивставуваат и соодветно реагираат на необјективно оценување;
  • ги почитуваат барањата и договорените процедури во врска со проверката на нивните знаења;
  • се информираат за последиците од непочитување на договорените процедури за оценување;
  • избегнуваат поставување на несоодветни и неприфатливи барања во врска со оценувањето;
  • се трудат да ги почитуваат и прифаќаат советите на наставниците поврзани со поучувањето и учењето;
  • користат дозволени постапки во тек на презентирањето на сопствените знаења и вештини  (да не се препишува, да нема шепотење, поткажување и сл.);
  • објективни се во барањата (посредно или непосредно);
  • не ги преправаат оценките во дневниците.


Родителите се сложуваат со следниве одредби од кодексот:

  • го поттикнуваат и подржуваат учењето на своите деца;
  • настојуваат, нивните деца да бидат праведни при проверка на знаењата;
  • се воздржуваат од некои активности (купување на подароци, покани за дружење и забави вон училиште, давање на пари, заканување и сл.), кои нивните деца неоправдано би ги довеле во повластена  положба во однос на другите деца;
  • ги почитуваат професионалните одлуки и совети на наставниците во врска со оценувањето на нивните деца;
  • кај своите деца поттикнуваат чесност и праведност во врска со оценувањето;
  • ги препознаваат и спречуваат евентуалните обиди на своите деца, за користење на недозволени постапки за добивање на поголема или поповолна оценка од објективно дадената.


Својата етичност во оценувањето, наставниците ја покажуваат преку:

  • промоција на високи морални вредности со сопственото однесување;
  • нема дискриминација на учениците по ниту една една основа (пол, возраст, социјална состојба, националност, вероисповест и сл.);
  • не примаат несоодветни и скапи подароци од учениците (накит, уметнички предмети, пари и сл.);
  • оценките што ги даваат се објективни и се базираат врз проверки кои се направени со користење на различни методи;
  • нивните деца кои учат во училиштето, имаат еднаков третман при оценувањето како и другите ученици;
  • покажуваат разбирање и им пружаат помош и поддршка на учениците кои имаат најразлични проблеми и им помагаат со совети да ги решат истите;
  • за совладување на наставната програма, на овие ученици им помагаат да добијат објективна оцена за учење со користење на различни методи и техники;
  • собираат писмени докази за постигањата на учениците и ги известуваат за нивниот напредок;
  • изготвуваат аналитички листи, холистички скали за процена, чек-листи и др. за изедначување на критериумите за оценување;
  • за сите деца со послаб успех, организираат почести дополнителни часови;
  • за сите талентирани и надарени деца организираат соодветна додатна настава;
  • дадените оценки ги образложуваат јавно пред учениците и родителите;
  • ги оценуваат проектите и трудовите кои ги изработиле учениците, а не нивните родители.

СТАТУТ НА ОСНОВНОТО УЧИЛИШТЕ

ГОДИШНА ПРОГРАМА И ИЗВЕШТАЈ ЗА РАБОТА НА УЧИЛИШТЕТО

САМОЕВАЛУАЦИЈА НА УЧИЛИШТЕТО

РАЗВОЈНА ПРОГРАМА НА УЧИЛИШТЕТО