Повик за избор на ученички правобранител и негови заменици

ООУ „11 Октомври“ Куманово – објавува повик за избор на ученички правобранител и заменици на ученичкиот правобранител.

Ученичкиот правобранител е ученик што ќе се грижи за заштита и почитување на правата на децата во училиштето, кој ќе има обврска да ги промовира правата на детето, да препознава повреда на детските права во рамките на училиштето и да ги пријави сите случаи на повреда на детските права до надлежните органи во и надвор од училиштето (училишен кадар и Народен правобранител).

1. УСЛОВИ ЗА УЧЕСТВО

Право на пријавување за функцијата ученички правобранител имаат учениците од 7, 8 или 9 одделение.

Право на пријавување за функцијата заменик на ученичкиот правобранител имаат учениците од 6, 7 и 8 одделение.

2. НАЧИН И РОК НА ПРИЈАВУВАЊЕ

Документи за пријавување: пријава и мотивационо писмо.

Заинтересираните ученици можат да подигнат пријава од педагог/психолог или веб-страната на училиштето. Потребно е кандидатите документите за пријавување да ги пратат на е-mail на училиштето oou-11oktomvri-kumanovo@schools.com или да ги достават кај педагог/психолог.

Мотивационото писмо се доставува во слободна форма.

Краен рок за поднесување на документите: 10.10.2026г.

3. КРИТЕРИУМИ ЗА ИЗБОР

Избор на ученички правобранител и негови заменици вршат учениците од 7 до 9 одделение според следните критериуми:

  • пол, возраст, основно познавање на детски права, мотивација за пријавувањето, комуникациски и организациски способности, етничка припадност, претходно искуство односно вклученост во вон-наставни активности.

4. ЗАДАЧИ И ОБВРСКИ на Ученичкиот правобранител и неговите заменици:

  • Учество на воведна обука за улогата и обврски на ученичкиот правобранител, организирана од страна на педагошко – психолошката служба (тимот за поддршка на ученичко учество);
  • Промовирање на правата на детето во училиштето преку едукативни – врснички работилници и информативни настани;
  • Прибирање на претставки – поплаки од учениците (препознавање на прекршување на детските права и обезбедување заштита за почитување на детските права);
  • Редовна комуникација и координација со педагошко – психолошката служба.

Мандатот на избраниот ученички правобранител и замениците на правобранителите е 2 (две) учебни години (доколку правобранителот е 9 одделение, неговиот мандат е една учебна година).

Лица за контакт: педагог/психолог