Отворено писмо поврзано со штрајкот

Отворено писмо до родителите и граѓаните на Република Македонија
од вработените во ООУ „11 Октомври“ – Куманово

 

Почитувани,

Во врска со случувањата поврзани со штрајкот на просветните работници изминатите денови, ние вработените во ООУ „11 Октомври“ – Куманово, поради лична и морална одговорност упатуваме јавно писмо до сите Вас, со цел разјаснување на причините за Генералниот штрајк во образованието кој е поддржан од сите вработени во нашето училиште.
Земајќи ги предвид сите информации кои можевте да ги проследите преку средствата за јавно информирање, особено оние кои не Ви беа достапни, чувствуваме потреба директно да Ви ги образложиме причините за нашето учество во Генералниот штрајк.
Последниве неколку години стоички го поднесуваме континуираното рушење на угледот и достоинството на просветниот работник преку т.н. системски образовни реформи кои наместо да го унапредат воспитно-образовниот процес внесоа конфузија и уназадување на просветната дејност на сите нивоа. Реформите се случуваа стихијно, без консултација на непосредните реализатори на образовниот процес, без истражувања и анализа на комплетните и конкретните потреби и состојби во државата, така што нивната имплементација произведе проблеми во сите нивоа на реализација.
Учениците и наставниците се преоптоварени со обемни и преамбициозни програми неприлагодени кон возраста на учениците со зголемен фонд на наставни часови кои даваат спротивни ефекти од очекуваните и целосно демотивираат. 

Водењето на двојната администрација со проектот Е-Дневник одзема огромна енергија и време наместо истите да се вложуваат во креативни и иновативни цели кои кај децата ќе побудуваат интерес и желба за учење и напредување.
Покрај укажувањето на стручната јавност и наставниците дека екстерното тестирањее преполно со недостатоци кои не даваат реална оценка за постигањата на учениците и за објективноста во оценувањето на наставниците, овој државен проект како реформска опција и понатаму упорно и настојчиво се промовира и спроведува иако ние директно вклучените во процесот ги чувствуваме сите негативности што истиот ги носи.
Безрезервно сме против законски регулираната политика на наградување и казнување според резултатите од екстерното тестирање, затоа што стоиме на ставот дека е померодавна нашата оценка наспроти оценката добиена на еден методолошки несоодветен начин контрадикторен на сеопфатноста и континунитетот на создавањето на конечната оценка. За утврдување на годишната оценка се вршат разнообразни следења и оценувања на целовитоста на одговорите, процедурите, активностите, когнитивниот напредок и примената на знаењата во секојдневниот живот.
Она што особено загрижува е дека третата казна од екстерното оценување целосно го дисквалификува просветниот работник како неспособен и нестручен за извршување на воспитно-образовната работа и повлекува загуба на работното место.
Како засегната страна и свесни за економскиот момент во општеството, навредени сме од игнорантскиот однос на власта и одредените медиуми кои даваат извртена слика во поглед на приоритетот насиндикалните барања и дополнително го проблематизираат нашето незадоволство наместо повеќестрано да ја опсервираат реалната состојба.

 

Ја очекуваме Вашата поддршка и разбирање.

 

Вработените од ООУ „11 Октомври“ – Куманово