Етички кодекс за оценување на постигањата на учениците од
OОУ "11 Октомври" - Куманово
Оценувањето претставува процес на собирање, бележење, интерпретирање, користење на информации и известување за напредокот и постигањата на учениците во стекнување на знаења, способности, вештини и ставови.
Преку оценувањето, наставникот ја гради сликата за напредувањето на секое дете и воедно добива информации како да го насочи процесот на учењето.
Заради важноста и значењето на оценувањето, неопходно е целосно етичко однесување на сите субјекти кои се вклучени во овој процес.
Етичноста е дел од личниот систем на вредности. Етички се однесуваме затоа што веруваме дека така треба и затоа што мислиме дека таквото однесување е правилно.
Тргнувајќи од фактот дека оценувањето е хумана и морална активност со огромно влијание врз сите субјекти вклучени во овој процес, училиштето во соработка со учениците, наставниците и родителите, изготви Етички кодекс кој ќе се применува при проверката на ученичките знаења. При изготвување на овој кодекс, како појдовни вредности земени се следниве: почитување, демократичност,чесност, праведност, интегритет и храброст.
Етичкиот кодекс на училиштето за проверка на ученичките знаења се базира на следниве принципи:
- Подобрување на учењето и постигањата на учениците;
- Обезбедување на целосни информации за учениците;
- Оценувањето на учениците станува составен дел од наставниот процес;
- При оценувањето се користат што е можно повеќе различни методи;
- Оценувањето се одвива континуирано;
- Проверката на ученичките знаења да биде праведна;
- Оценувањето да биде транспарентно;
- Да има валидност и релијабилност во оценувањето.
Според Етичкиот кодекс за оценување во нашето училиште, учениците:
- се залагаат за фер и праведно оценување на сите;
- се спротивставуваат и соодветно реагираат на необјективно оценување;
- ги почитуваат барањата и договорените процедури во врска со проверката на нивните знаења;
- се информираат за последиците од непочитување на договорените процедури за оценување;
- избегнуваат поставување на несоодветни и неприфатливи барања во врска со оценувањето;
- се трудат да ги почитуваат и прифаќаат советите на наставниците поврзани со поучувањето и учењето;
- користат дозволени постапки во тек на презентирањето на сопствените знаења и вештини (да не се препишува, да нема шепотење, поткажување и сл.);
- објективни се во барањата (посредно или непосредно);
- не ги преправаат оценките во дневниците.
Родителите се сложуваат со следниве одредби од кодексот:
- го поттикнуваат и подржуваат учењето на своите деца;
- настојуваат, нивните деца да бидат праведни при проверка на знаењата;
- се воздржуваат од некои активности (купување на подароци, покани за дружење и забави вон училиште, давање на пари, заканување и сл.), кои нивните деца неоправдано би ги довеле во повластена положба во однос на другите деца;
- ги почитуваат професионалните одлуки и совети на наставниците во врска со оценувањето на нивните деца;
- кај своите деца поттикнуваат чесност и праведност во врска со оценувањето;
- ги препознаваат и спречуваат евентуалните обиди на своите деца, за користење на недозволени постапки за добивање на поголема или поповолна оценка од објективно дадената.
Својата етичност во оценувањето, наставниците ја покажуваат преку:
- промоција на високи морални вредности со сопственото однесување;
- нема дискриминација на учениците по ниту една една основа (пол, возраст, социјална состојба, националност, вероисповест и сл.);
- не примаат несоодветни и скапи подароци од учениците (накит, уметнички предмети, пари и сл.);
- оценките што ги даваат се објективни и се базираат врз проверки кои се направени со користење на различни методи;
- нивните деца кои учат во училиштето, имаат еднаков третман при оценувањето како и другите ученици;
- покажуваат разбирање и им пружаат помош и поддршка на учениците кои имаат најразлични проблеми и им помагаат со совети да ги решат истите;
- за совладување на наставната програма, на овие ученици им помагаат да добијат објективна оцена за учење со користење на различни методи и техники;
- собираат писмени докази за постигањата на учениците и ги известуваат за нивниот напредок;
- изготвуваат аналитички листи, холистички скали за процена, чек-листи и др. за изедначување на критериумите за оценување;
- за сите деца со послаб успех, организираат почести дополнителни часови;
- за сите талентирани и надарени деца организираат соодветна додатна настава;
- дадените оценки ги образложуваат јавно пред учениците и родителите;
- ги оценуваат проектите и трудовите кои ги изработиле учениците, а не нивните родители.